вести

НАГРАДАТА БИШ ЗА „КЕНДИ“

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

на жири комисијата на селекцијата „Биш“ за доделување на наградата „Биш“ за најдобра независна театарска продукција

Жири комисијата на овогодинешната селекција „Биш“ на програмата на Фестивалот „Млад отворен театар“ во состав Дора Ружѓак Подолски, Маја Митиќ и Сашо Огненовски по проследувањето на шесте претстави одлучи наградата БИШ за најдобра независна театарска продукција да ја додели на претставата КЕНДИ на независниот театар „Златен Елец“ работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје, а во адаптација и режија на Тамара Стојановска и во изведба на Бобан Алексоски и Лео Поповиќ. Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од нарко зависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нивното заминување во пеколот на наркоманијата. Двата дела на претставата иманувани како „Рај“ и „Пекол“ говорат токму за болното предавање на младите на ужасот на смртоносната имагинативност и за последеиците од неа што ги носи суровиот тек на секојдневието. Кога сме кај имагинативноста, една од карактеристиките на оваа проетстава е токму широката режисерска имагинативност на Тамара Стојановска, но и длабочината на актерскиот израз на Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, два неодминливи сегменти и конечно најважни за да се долови една ужасна појава која, за жал, сѐ уште ја има во нашата социјална и општествена стварност. Овде ќе треба да ја споменеме и пораката на ова сјајно театарско дело, која предупредува и укажува на катастрофалните последици, кои сѐ повеќе и повеќе ја разјадуваат младата популација, порака што не одминува никого и не поштедува никого од нас.

Со оваа награда би сакале да ја истакнеме храброста на младите и независни театарски уметници на дваесет и првиот век, кои се одважиле да направат исчекор од нациоалните театарски институции и да ја понесат на својот грб тежината на еден театарски проект, а притоа да бидат актуелни и ангажирани. Секако, би сакале со оваа награда да ги поттикнеме овие млади театарски уметници да се занимаваат уште поангажирано со темите што се актуелни во времето во кое живееме, а секако и во контекст на општествено одговорните промени.

На крајот би сакале да ја истакнеме храброста на програмскиот колектив на фестиваот Млад отворен театар, кој им ја пружа приликата пред сѐ на младите уметници од независната сцена да предложат иновативни претстави, кои ќе го збогатат театарскиот живот на Северна Македонија и на регионот воопшто.

Жири комисија:

  • Дора Ружѓак Подолски­­
  • Маја Митиќ
  • Сашо Огненовски