Испробување феминистички иднини 2.0

Rehearsing Feminist Futures

презентација

Фестивал Прво па женско

ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0 – презентација на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО

Со цел преку поддршка на кревката локална сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на продукција во полето на современите изведувачки уметности, во 2021 година, Тиииит! Инк. ја формираше Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ  ИДНИНИ. Како продолжение на програмата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0, годинава локален интердисциплинарен колектив развива феминистички преформанс, чијашто премиера е планирано да се случи во рамки на програмата МОТ+. МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА е нивниот проект, кој допира до актуелни феминистички прашања преку преиспитувањето на можностите за радикална самоопределба и идентитетска трансформација. Поаѓајќи од истоимената монодрама на германската авторка Карен Јес (DIE KATZE ELEONORE, Caren Jeß), тие ги истражуваат овие централни прашања од феминистичкиот и родовиот дискурс, но и можностите за колаборативна изведувачка практика, која се води од дијалогот помеѓу теоријата и уметноста. Истражувајќи преку комбинирањето на различни перформативни медиуми – видео, трансформација на простор, звук, тело, говор и авторски текст, колективот се занимава и со сопствената позиција во локалниот уметнички контекст, преведувајќи го изворниот текст и како израз на индивидуалната и колективна криза на припадност и неприпадност. Во рамки на презентацијата на платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0 која Тиииит! Инк. ја реализира во соработка со ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, ФДУ Скопје и МОТ, ќе бидат претставени фрагменти од досегашната работа на перформансот преку кои ќе може да се увидат некои од основните принципи и методи на работа на колективот.

времетраење:
90 мин.

јазик:
Македонски (со можност за превод на англиски јазик)

Влезот е слободен

сцена: МКЦ (Галерија 2)