На наше огромно задоволство на 10.11. во 17:00 на ФДУ го имаме веројатно нашиот најголем соработник, Душан Пернат, кој во изминативе 40-ина години на МОТ има донесено повеќе од 40 продукции. Пернат, кој одлично ѝ е познат на потесната театарска јавност, преку свое излагање ќе ја раскаже својата неверојатно богата кариера како продуцент, организатор и менаџер на турнеи.
Театарскиот продуцент и организатор Душан Пернат работи повеќе од четири децении како менаџер за меѓународни турнеи во ‘Словененско младинско гледалишче’. Со повеќе од шестотини турнеи во повеќе од триесет земји, во кои беа поставени повеќе од осумдесет претстави, тој значително го кооформи меѓународниот идентитет на ‘Младинско’ и го стави словенечкото театарско творештво на меѓународната мапа.
Разговорот со Душан Пернат, кој ќе зборува за неговите исклучително богати и интересни искуства и различните предизвици на често занемарената професија театарски продуцент, ќе го води продуцентката Тања Дешко.