Со „Поол“ би сакала да поттикнам разговор за реалноста на бруталниот живот на уметниците
Претставата „Поол“, чија премиера е вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар, во рамките на Млад отворен театар, е хипнотично ја раскажува приказната, но сурово ги распарчува лажните идеали разоткривајќи ја вистинската слика за уметниците, пријателството и љубомората, која се претвора во болна амбиција за успех. Група уметници се занимаваат со алтернативна уметност во боемскиот кварт. Но што се случува кога еден од групата се издвојува и постигнува виснински успех? Што прават оние што остануваат назад, во боемскиот кварт додека еден оди напред во големиот свет? Ова се прашањата што ги поставува претставата во режија на младата Шенај Мандак.
Мандак дипломира пред една година со претставата „Шопинг енд факинг“, која беше изведена во Турскиот театар во Скопје. Сега, во продукција на „Хибрид“ и копродукција со „Артопија“ од Скопје ја создаде „Поол“. Во претставата играат: Несрин Таир, Стефанија Начевска, Метин Ибрахим, Хакан Даци и Ебру Мусли.
Tекстот третира тема што на уметниците им е блиска. Се зафаќате со современ и секогаш провокативен режисер, Марк Рејвенхил. Каков предизвик беше за вас да го поставите „Поол“?
– Нашата примарна цел и задача како театарски уметници е, не само преку театарот како медиум, туку и преку театарскиот јазик да ги пренесеме нашите идеи, размисли и чувства, не само на индивидуален, но и на генерален план и со тоа да поттикнеме подлабоко размислување кај гледачите, а и кај нас уметниците, без оглед на возрасната рамка. Потребата да поставам на сцена приказна која е работена по мотивите на овој современ текст доаѓа од моето скромно и неизвалкано театарско искуство со кое би сакала да поттикнам разговор за реалноста на бруталниот живот на уметниците.
Патот на оваа претстава не беше лесен, за конечно да се најде премиерно на МОТ. Сепак, се покажа дека постои солидарност меѓу театарџиите, сепак ова дело да излзезе на виделина.
– Пред сѐ морам да кажам дека процесот на оживување на оваа приказна на сцена беше голем предизвик за целата екипа. Со сигурност се соочивме со различни потешкотии, почнувајќи од фактот дека работиме на постмодерна драма чиj формат, сам по себе отстапува од секое правило. Поставувањето на ваква претстава за повеќето од нас беше голем залак, но со помош на ентузијазмот на целата екипа и тимската работа успеавме да ги надминеме сите бариери.
Во претставата се зборува на турски јазик, со примеси на македонски, албански и англиски јазик. Беше ли тоа убав интересно и за актерите?
– Уште при самото раѓање на идејата да се постави еден ваков текст, првата мисла ни беше дека мора да се слушне гласот на сите. Првично од причина што се работи за една мултиетничка екипа, прекрасни луѓе кои доаѓаат од мултикултурни заедници и сметаме дека е крајно време овие разлики да ги пренасочиме во наша корист и таа привилегија нa различности да ја прифатиме како предност.
Каков предизвик е да се работи на независната сцена? Се забележува подем во смисла на тоа дека се раѓаат се повеќе продукции, но во какви услови работите?
– Како прво искуство по дипломирањето од Факултетот за драмски уметности, МКЦ за мене и за целата екипа низ целиот процес беше пример за тоа како една институција треба да функционира и безрезервно да го поддржува процесот на подготовка на една театарска претстава. Бескрајно сме благодарни за укажаната прилика и ни претставува огромна чест во вистинско светло да го претставиме нашето новоосновано здружение „Хибрид“ во копродукција со колегите од „Артопиjа“, чија соработка е од огромно значење за оваа претстава.
текстот е преземен од umno.mk